03/12/2025
🚫 ДЕМАНТ И ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО ЈАВНОСТА: Злоупотреба на името на Бигорскиот манастир за продажба на лажни лекови
Почитувани верници и граѓани,
Се чувствуваме должни јавно да реагираме по повод лажните интернет-страници и спонзорирани објави кои деновиве кружат на социјалните мрежи, а во кои грубо се злоупотребува името и угледот на нашиот манастир, како и на монашкото братство.
Во наведените лажни текстови (како оној за препаратот „BoneControl“), измамници лажно тврдат дека монасите од нашиот манастир наводно „измислиле“ или „произведуваат“ чудотворни лекови и масти за зглобови и коски.
Сакаме категорично да изјавиме:
1. Бигорскиот манастир НЕМА никаква поврзаност со овие производи. Ние не произведуваме, не рекламираме и не продаваме ваков вид на медицински препарати.
2. Секоја изјава, интервју или препорака која наводно доаѓа од нашите монаси во врска со овие производи е целосно измислена и лажна.
3. Станува збор за класична интернет измама која има за цел финансиски да профитира преку манипулација со довербата што верниците ја имаат во Црквата.
АПЕЛ ДО ГРАЃАНИТЕ
Ве молиме да бидете исклучително внимателни. НЕ ги купувајте овие производи и не ги оставајте вашите лични податоци (име, адреса, телефон) на овие сомнителни веб-страници. Овие „лекови“ се со непознато потекло и состав, и можат да бидат опасни по вашето здравје.
Единствените автентични производи на манастирот може да се најдат исклучиво во манастирската продавница или на нашите официјални канали за комуникација.
За оваа злоупотреба ќе бидат известени и надлежните органи за компјутерски криминал.
Со почит и благослов,
Братството на Бигорската свештена обител