23/05/2025
Македонската асоцијација за фетална медицина (МАФМ) го организираше настанот „Современи трендови во феталната медицина“ во чест на номинацијата на Проф. Д-р Кипрос Николаидес за Почесен професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Македонската асоцијација за фетална медицина и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство со особена чест го пречекаа Проф. Д-р Кипрос Николаидес во Скопје.
Во рамки на неговата посета, Проф. Николаидес го посети новоформираното Одделение за фетална медицина при Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство — одделение кое претставува симбол на неговата несебична поддршка и визија за иднината на перинаталната грижа во нашата земја.
Преку Фондацијата за фетална медицина, Проф. Николаидес овозможи донација на опрема во вредност од над 300.000 евра, која денес е во функција на подобрување на дијагностиката и грижата за бремените жени и нивните бебиња.
Од 2022 до 2025 година, со негова поддршка, десетици гинеколози и акушери од Македонија беа обучени во ултразвучна дијагностика, фетална ехокардиографија и Доплер-техники — инвестиции што значително го унапредуваат квалитетот на услугите што ги нудиме на нашите пациенти.
Со длабока благодарност и восхит кон неговата мисија, продолжуваме да го следиме примерот на Проф. Николаидес и да ја градиме иднината на феталната медицина во Македонија.
Покрај Проф. Д-р Николаидес Кипрос, во стручна посета пристигнаа и еминентните Prof. George Makrydimas, Prof. Themistoklis Dagklis, Prof. Petya Chaveeva, Prof. Violeta Stratieva и Prof. Anastasia Arechvo.
Искрена благодарност до нашите спонзори – 4UPharma, Ginekalix, Net Electronics и Roche Diagnostics – за нивната несебична поддршка и придонес во реализацијата на овој значаен настан.