08/02/2026
За да се создаде и целосно да се обликува една јапонска зен-градина, потребни се седумдесет години. Толку време ѝ е нужно на природата за дрвјата да пораснат и да остарат, за нивната сенка тивко да се спушти врз земјата, а мовот полека да ја обвие површината и почвата, како и камењата расфрлани низ просторот. Убавината не се раѓа одеднаш - таа настанува во времето, со трпение и со молк.
Слично е и со секое големо дело. Неговата вредност често станува видлива дури по заминувањето на оној што го создал, кога името почнува да бледнее, а делото останува изложено на погледот на идните генерации. Дури тогаш некој ќе ја препознае тежината на она што било оставено зад себе - не како траг на суета, туку како тивок дар.
Оваа градина не ја создавам за себе. Свесен сум дека нема да ја доживеам нејзината конечна убавина, дека нема да чекорам низ нејзината сенка, ниту ќе го допрам мовот што допрва ќе се роди. Моето уживање е во чинот на создавањето, во вложениот здив, во времето што го подарувам без очекување.
Ја создавам за оние што доаѓаат по мене. Бидејќи еден мудар Учител еднаш одамна ми рече дека само човекот што создава за другите, а не за себе, може да се нарече голем. Голем како човек и голем како уметник.
- Игор Довезенски
п.с. Дел од малите дрвени куќички во кои ќе престојуваат гостите на Летниот Јога Камп.