16/10/2025
ОД ДНЕВНИКОТ НА СТУДЕНТИ ПО МЕДИЦИНА 4
Прирачник за антиколега
Добра вечер! Денес беше прекрасен ден! Го фатив уште од пет часот, во рани зори. Ги отворив сите списоци за полагања од септемвриската сесија и научив напамет 10-тина нови индекси. Останатите 200 веќе ги знам напамет. Точно видов кој кај кого полагал оваа сесија. Сега се’ прави логика. Ми стана јасно кој кому му е врска и дури се осудив да направам шема во главата како е таа врска фатена. Се’ тоа уредно е вметнато во табела. До секој студент, покрај основните информации, како: име, презиме, број на индекс, град во кој е роден, што работат неговите\нејзините и дали е докторско дете, или не, ги допишав и новооткриените факти-преку кого е фатена врската, колку студентот вистина знаел, дали оценката му се соодвестува со поените на тестот и колку прашања одговорил. Веднаш тоа го споделив со моите најблиски колеги во групата, кои верувале Вие, или не, го правеле истото тоа! Каква коинциденција. За многу од инфото што го споделив, не бев сигурен, ама што има врска? Важно да се врти муабет на факс. Па, дали врската е преку мајка, или баба, важно не е се’ чесно, така? Не може сите со врски, а јас ќор човек немам да му се обратам. Добро, не е баш така, имам една тетка што ги знае пола од професорите, ама нема врска, од кај ќе знаат другите? Јас за мене ќе си оставам поинаква слика. Отидов во осум на предавање. Бевме 10-тина колеги. Професорката немаше да пушти список и да почне да ги навредува колегите кои не се на предавањето, ама јас се погрижив за тоа и ја потсетив да пушти список, уште пред таа да ја отвори презентацијата. Од таму, со полно срце право на вежби. Ни рекоа дека мора секој да носи ракавици, во спротивно нема да може да присуствува. Двајца колеги немаа, ама цела среќа јас имав со мене резервни два пара. Ниеден не им дадов, ги избркаа. Денов не може да биде подобар. Од вежби, директно на кафе. Ги изоговарав сите, од колеги, до асистенти и професори, уште Деканатот ни остана, ама ајде тоа од утре. Додадов и нешто свое во приказната. Вечерта видов пуштиле список за полагање. Избришав двајца колеги, се пишав на нивно место, бидејќи првите 10 кои ќе се пишат обично се паѓаат кај најдобриот професор. Непосредно пред да си легнам видов дека ми пишале за да им пратам белешки од денешното предавање. Секако, се направив дека не сум видел и си легнав, затоа што утре имам нови индекси за учење.
Не биди ваков колега! Одиграј поинаку! Направи го спротивниот чекор! Креирај опкружување, какво што сакаш другите да креираат за тебе! Стани добар човек, за да можеш да бидеш добар доктор!
СЗСПМ