10/02/2026
Најчести заблуди за “боледувања”!
Боледувањето е законско право на секој вработен во Македонија, но во пракса често гледаме заблуди кои создаваат недоразбирања помеѓу пациентите, лекарите и работодавачите. Подолу се наведени некои од најчестите погрешни верувања:
1. "Лекарот мора да ми издаде боледување ако јас тоа го побарам од него."
Боледувањето не се издава по желба на пациентот, туку исклучиво врз основа на медицинска индикација и здравствена состојба. Лекарот е должен да постапува, односно да издава боледување исклучиво согласно законските критериуми.
2. "Боледувањето може да ми се издаде кога и да посакам."
Боледување се отвора на денот на прегледот или максимум еден ден ретроактивно. Отворање/издавање на боледување при повеќе изминати денови е единствено дозволено само доколку постои болничко лекување со соодветен испис и медицинска документација.
3. "Секое боледување се плаќа 70%."
Надоместокот за време на боледување зависи од причината и должината на траењето. Не секое боледување се исплаќа во целосен износ, но тоа може да е и 100%, доколку се исполнети условите кои се утврдени со законските решенија.
- За првите 30 дена од боледувањето, работодавачот исплаќа надоместок со проценти кои зависат од времетраењето на отсуството (пример: 70% за првите неколку дена, 80–90% до 30 дена).
- По истекот на 30 дена, надоместокот за боледување се обезбедува од Фондот за здравствено осигурување, во согласност со правилата на системот.
- Исклучок се боледувања поради повреда на работа, каде надоместокот може да биде и 100% од платата, согласно критериумите и работно-правните прописи.
4. "Можам да одам на работа и истовремено да бидам на боледување."
Боледувањето значи привремена неспособност за работа. Одење на работа или извршување работни обврски за време на боледување може да доведе до санкции и губење на правото на надомест, како и на работното место.
5. "Матичниот лекар самиот одлучува колку долго ќе трае боледувањето."
Должината на боледувањето зависи исклучиво од дијагнозата, текот на болеста и медицинските критериуми за боледување. За кратки боледување под 7 дена боледувањето го решава самиот матичен лекар, а за подолги периоди може да биде потребно мислење од специјалист или комисија, како и дополнителни испитувања согласно критериумите.
6. "Боледувањето не мора да се најави кај работодавачот."
Законските прописи бараат работникот да го извести работодавачот што е можно побрзо и да го достави лекарскиот документ за отсуство од работа во рокот пропишан во законот. Ова осигурува дека боледувањето ќе биде оправдано и регуларно евидентирано. Пријавата е најдобро да има траг кој ќе послужи како доказ при евентуален неспоразум.
7. "Злоупотребата на боледувањето не води до правни последици."
Боледувањето има медицинска, но и правна функција: тоа ја штити здравствената состојба на работникот и обезбедува правична финансиска поддршка. Намерна злоупотреба (незаконско користење на боледување) може да доведе до дисциплински мерки или ограничување на правото на надоместок според работно-правни регулативи, како и губење на работното место.
8. "Дали смее да се патува додека лицето е на боледување?"
Боледувањето подразбира привремена неспособност за работа и обврска пациентот да се придржува кон режимот на лекување.
- Патувањето не е апсолутно забрането, но тоа не смее да биде во спротивност со здравствената состојба и препораките за лекување.
- Доколку пациентот е на боледување поради состојба која бара мирување, специфична рехабилитација или континуиран лекарски надзор, патувањето може да се смета како злоупотреба.
- Фондот за здравствено осигурување има можност за контрола, а доколку се утврди дека патувањето не било медицински оправдано, може да следуваат финансиски и правни последици за корисникот на боледувањето.
- Патување е дозволено само дпоколку е медицински оправдано и не ја компромитира основната причина за боледувањето.
9. "Koga специјалист ми препорачал боледување, матичниот лекар ќе мора да ми отвори/издаде боледување."
Ова е една од најчестите заблуди.
- Препорака од лекар специјалист не е никаква наредба која мора да се спроведе, тоа е само препорака.
- Матичниот лекар е има професионална обврска самостојно да ја процени состојбата на пациентот и да ја води евиденцијата за боледувањето,
- Доколку матичниот лекар смета дека нема основ за привремена неспособност за работа (и покрај мислењето од специјалист), тој има право и обврска да не отвори/издаде боледување.
10. "Зошто ми е одбиено боледувањето ако имам дијагноза?"
Дијагнозата не значи автоматски неспособност за работа.
- Многу дијагнози се компатибилни со работната способност, особено ако работното место не ја влошува состојбата за лицето или работната околина.
- Боледување се издава кога постои реална неспособност за извршување на работните задачи или доколку се отстранува поради загрозување на здравјето на останатите работници, соработници или клиенти.
11. "Дали можам да работам од дома додека сум на боледување?"
Накратко - Не.
- Боледувањето значи неспособност за работа, без разлика каде се наоѓа работникот.
- Работа од дома за време на боледување може да се смета како доказ дека пациентот бил способен за работа, кое може да доведе до поништување на боледувањето и правни последици и за вработениот и за работодавачот.
12. "Ако сум незадоволен, ќе сменам матичен лекар и ќе си добијам боледување."
Промената на лекар не ви гарантира боледување.
- Медицинските и законските критериуми се исти за сите матични лекари.
- Неосновано инсистирање за боледување од страна на работникот може да се третира како обид за злоупотреба.
Точните информации, довербата во медицинската проценка и почитувањето на законските норми се во интерес на работниците и работодавачот!
МЦТим се грижи за вашето здравје!